Денес, 1 година по масовниот протест за слобода на неправедно осудените политички затвореници за упадот во Собрание на 27 Април 2017та година, рефлектирам на случувањата во изминативе 365 дена кои носат нов бран на надеж за посакуваната и долго очекувана ПРАВДА!
Јавноста е добро запозната со упадот во Конгрес на 6 ти Јануари 2021 година во САД кој наликува на сценарио веќе видено на 27 Април 2017 година во Македонија. Па да направиме една споредба:
Според исказите на учесниците на настаните од 6 ти Јануари – упадот во Конгрес, се работи за сличен мотив со упадот во Собрание од 27 Април во Македонија, но казните за едните се драконски и неосновани во споредба со другите. И билансот е различен. Во САД имаше 5 жртви, додека во Македонија за среќа немаше жртви. Во САД беа уапсени 725 лица, од кои само 70тина добиле пресуди во вид на затворски казни, домашен притвор, условни казни, општествени служби или парични казни.
Со домашен притвор, условни казни, парични казни или општествени служби се казнети тие кои незаконски протестирале/демонстрирале во Конгрес што не е дозволено со закон.
Највисока казна до сега е изречена на Роберт Скат Палмер од Флорида кој фрлаше дрвени даски и противпожарен апарат кон обезбедувањето во Конгрес на западната тераса од 5 години и 3 месеци. Делото по кое се товари е напад на службено лице со опасно оружје.
Девлин Томсон, кој исто така нападна обезбедување во Конгрес со метална прачка и беше товарен за напад на службено лице со опасно оружје, пробал и да фрли звучник кон обезбедувањето, но го промашил и повредил друг демонстрант. Неговата казна за ова дело е 3 години и 10 месеци, па под отслужување на казната, наредните 3 години ќе биде под надзор на условно и задолжителна парична казна од 2000 долари.
Џејкоб Ентони кој стана препознатлив по виралните слики со обоено лице и големите рогови на главата како седи на столот на тогашниот заменик претседател, Мајк Пенс. Иако не повреди никого, со самото тоа што стана симбол на протестот и беше глорифициран како таков, доби казна затвор од 3 години и 5 месеци со дело: спречување на официјална постапка во Конгрес.
Скот Кевин, е осуден на казна затвор 3 години и 5 месеци за повреда на службено лице и спречување на официјална постапка во Конгрес и парична казна од 2000 долари за нанесената материјална штета на зградата.
Кливланд Мередит беше осуден на 2 години и 4 месеци затворска казна за испратена порака со закана дека ќе ја убие претседавачката на конгрес, Ненси Пелоси и градоначалникот на Вашингтон ДС, Муриел Бовсер.
Грејси Коуртрајт доби затворска казна од 1 месец поради објавена слика на социјалните мрежи од неа во Конгрес. Се товари за дело влез во забранет објект. По отслужување на затворската казна, Грејси има уште една година условна казна и 60 саати општествена служба, како и парична казна од 500 долари за нанесена штета на зградата.
Сите досега набројани се изјасниле виновни пред судот.
Претседателот на САД, Џо Бајден имаше изјава каде што ги нарече демонстрантите терористи, но за разлика од Македонија, во САД, судскиот систем не е партизиран, па пресудите се изречени според приложените докази, снимки, слики и видеа.
Во Македонија, драконските казни од најмалата 7, а највисоката 18 години, претежно варираат од 12 до 15 години или вкупно 211 години затвор помеѓу 16 обвинети. Обвиенијата се засновани ИСКЛУЧИВО врз база на исказ од загрозен сведок, а не се базираат на материјални докази кои одбраната ги има во изобилие. Во Македонија, 16 те обвинети се товарат за 2 дела, една група за терористичко загрозување на јавен поредок, а другата за обид за убиство на Села. Со оглед на тоа што случајот моментално чека на изјаснување од Врховниот суд по повод тужбите на осудените, се надевам дека конечно ќе завладее разумот и Врховниот Суд ќе го отвори повторно случајот со цел да им се даде фер можност за докажување на својата невиност.
И ДА, сметам дека се неправедно осудени и дека се политички затвореници. Се сеќавам на изјавата во една емисија на обвинителката Русковска: Ние не можевме да си дозволиме во предметот да има 60 70 80 обвинети, затоа што никогаш немаше да се заврши, што алудира на селективно судење, поточно таргетирање на одредени поединци со цел да се заплаши народот и да се повлече од улиците и секако да се амнестираат баш тие кои треба да одговараат поради отварањето на вратите на собранието со цел да гласаат за промена на името па да уживаат во својата слобода и многуте тендери кои ги добија наградно.
Ќе ја потсетам јавноста на изјавата на амбасадорката за САД во Македонија, Кејт Мери Брнз, која изминатиот месец кажа дека според истражувањето на Евротинк, само 8% од граѓаните имаат доверба во судскиот систем, нагласувајќи дека има многу работа во тој сектор. А истовремено и би било одлично доколку јавноста има можност да го чуе нејзино мислење за целиот процес на судење за 27 Април во споредба со 6 Јануари во САД.
За крај, колку повеќе се зборува за неправдата која им е нанесена на неправедно осудените политички затвореници, толку е поголем јавниот притисок врз Врховниот Суд за да постапи како што треба. Не бараат амнестија, не бараат милостина, затоа што не се виновни за тоа за што се осудени. Бараат фер судење и правда која ите како ја заслужуваат. Сепак се работи за патриоти врз кои иако изминативе 5 години се вршат невидени притисоци како и тортури врз нивните семејства, тие не се откажуваат од својата борба за правда и верувам дека што кажа еден од осудените, Јане Ченто, еден ден ќе ги огрее сонцето на слободата, а јас искрено се надевам дека тоа ќе се случи во многу блиска иднина.
Пишува: Ана Дукоска
Поврзано
Македонската Заедница во С.Р.Германија со голема огорченост и незадоволство ги отфрлува и негира резултатите од пописот
Координативно тело на Мaкедонците во Европа: Анализа на резултатите од пописот, односно отписот
Онлајн конференција на дијаспората: Резултатите од Пописот, односно отписот