НАШИ ПРИЈАТЕЛИ

Ресторан Царевоселски Делчево
www,agrar.mk
www.intlegis.com
www.palma.mk
www.hotelmakedonijadelcevo.mk
www.rcz.delcevo.org.mk
www.bregalnicki.mk
www.digilit.rcz.org.mk
www.destinationdelcevo.mk
www.hope.mk
www.kudgocedelcevdelcevo.mk
декември 3, 2022

Македонски Тајмс

Охрабри го светот

Во октомври 1934 година француската влада го очекувала пристигнувањето на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во неговата прва официјална посета на Франција. На 9 октомври парабродот „Дубровник“ пристигнал во пристаништето во градот Марсеј, носејќи ги со себе високите гости од Југославија.

За да му се даде поголема свеченост на настанот, земјата домаќин се погрижила југословенскиот параход да добие придружба од француски воени бродови, а во моментот кога тој влегувал во марсејското пристаниште биле испукани плотуни во знак на поздрав, на што од „Дубровник“ исто така било одговорено.

На палубата на југословенскиот параход се качила француската делегација, која му посакала добредојде на кралот Александар. Југословенскиот крал, којшто бил облечен во адмиралска униформа на брегот бил пречекан од страна на францускиот министер за надворешни работи Луј Барту. По официјалниот пречек, кралот Александар се качил во подготвениот автомобил за таа цел, до него седнал министерот Барту, а на едно од седиштата на автомобилот седнал и генералот Жорж. Во другиот автомобил се возеле југословенскиот министер за надворешни работи Јефтиќ и францускиот министер Пиетри, позади кои што следувала кралската придружба и луѓето што го организирале дочекот. Југословенската кралица Марија поради тоа што страдала од морска болест кон Франција патувала со воз.

Во тие моменти кралот Александар бил блед и на неговото лице се гледала изнемоштеност, која веројатно била резултат на пловидбата. Друга причина за таквиот израз на лицето била неговиот страв од можен атентат.
Таквиот страв се пренел и врз луѓето од неговото лично опслужување, така што во еден момент пред почетокот на патувањето во Франција кралскиот собар Зечековиќ му советувал на кралот во џебовите на униформата да стави члични плочки, кои би го заштитиле од куршуми во случај на атентат. За зголемување на напнатоста, не само кај гостите, туку и кај домаќините, кај францускиот министер за надворешни работи Барту, придонесувале гласините што во Париз се ширеле за можен атентат врз високиот гостин од Југославија. Службата за државна безбедност на Франција добила анонимно писмо, неколку дена пред посетата, дека југословенскиот крал ќе биде убиен токму во Франција.

Шпекулациите за можниот атентат ги подгреале и натписите во париските весници „Пари-миди“ и „Пари-соар“, кој на денот на посетата пишувале дека врз југословенскиот крал се подготвувал атентат од страна на терористички организации на хрватската емиграција.
Меѓутоа поголемиот број од релевантните безбедносни фактори во Франција не ги сфатиле за сериозно овие закани, бидејќи до тогаш не успеал ниту еден од планираните атентати врз некој државник или домашен политички функционер.

Во однос на обезбедувањето во градот Марсеј најголеми забелешки имал генералот Димитријевиќ, којшто бил министер на кралскиот двор. Тој бил изненаден во негативна смисла од недоволните мерки за обезбедување што ги презела француската полиција.

Обезбедувањето на градот Марсеј и било доверено на локалната полиција и мерките што таа ги преземала се сведувале на заштита само на улицата каде што требало да помине поворката и тоа на тој начин што полицајците биле поставени на растојание од десетина чекори, со грбот свртени кон насобраните луѓе. Димитријевиќ исто така бил изненаден од податокот дека одредот од мотоциклисти, кој требало да ја обезбедува поворката заради поголема сигурност, не дошол.

Наместо нив како единствено обезбедување останале двајца коњички офицери, кои јавале отстрана и неколкумина пред поворката. Недостатоците во обезбедувањето на кралот Александар се гледале и на автомобилот во кој се возел.

Автомобилот не бил блиндиран, на него постоеле големи платформи кои биле погодни за употреба кај можните атентатори и на крај подвижниот кров бил отворен, поради убавото време, со што се создавала уште поголема можност за дејствување на потенцијалните стрелци.

Посетата започнала со бавно придвижување на поворката среде толпата од народ, која се создала за да го види високиот гостин од Југославија. Автомобилите се движеле со брзина од околу 4 км на час, наместо со предвидените по протокол, 20 км на час, што се практикувало при возењето на секој владетел. Однесувањето на луѓето во толпата било смирувачко и не постоеле било какви знаци дека може нешто да се случи. Поворката со автомобилите се движела на средината на улицата помеѓу трамвајските шини. Состојбата укажувала на тоа дека критичните моменти и стравувањата за атентат биле неоправдани.

Часовникот покажувал 4 и 20 минути попладне и поворката автомобили веќе се наоѓала пред зградата на берзата во градот кога од толпата луѓе излегол еден човек. Полковникот Пиоле, еден од обезбедувањето на поворката, во тој момент се обидел да го сврти коњот за да се врати и да го заштити автомобилот во кој се наоѓал кралот Александар од таинствениот напаѓач.
Меѓутоа напаѓачот бил побрз од него и успеал да се искачи на платформата на кралскиот автомобил и да се најде непосредно пред самиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Потоа настаните се случувале со огромна брзина. Атентаторот извадил револвер и испукал два куршуми во градите на кралот, кој паднал на седиштето целиот облеан во крв. Следниот истрел го погодил во раката францускиот министер за надворешни работи, Луј Барту. Револверските истрели го исплашиле возачот Фуасак, кој го запрел автомобилот и побегнал, додека генералот Жорж кој седел пред кралот Александар се обидел да го онеспособи атентаторот, но бил погоден со револверски истрели, два во градите и по еден во секоја рака.

Потоа врз терористот скокнал и се обидел да го собори полицаецот Гали, но и тој бил застрелан. Тогаш полковникот Пиоле успеал да го скроти својот коњ и да го сврти кон атентаторот на кој му задал два удари со сабјата, додека во исто време кон него започнале да пукаат и другите полицајци од обезбедувањето. Во општата пукотница што настанала биле убиени и неколку луѓе од масата што се собрала да го пречека југословенскиот крал.

После овие настани се случило панично бегство на толпата луѓе, при што настрадал атентаторот. Во тие критични моменти полицијата успеала да фати едно лице кое се упатило кон кралскиот автомобил, а под сомнение дека тој бил убиецот на кралот Александар. Во полицијата тој бил подложен на физичко малтретирање за да на крајот се воспоставило дека несреќникот сакал да им пружи прва помош на ранетите, по што бил пуштен. Според друга верзија фатениот човек бил вистинскиот атентатор на кралот Александар и бил однесен во полициска станица каде бил испитуван и физички малтретиран, по што тој ги замолил нив да го остават него, а да им помогнат на ранетите кои настрадале при обидот за атентат.

Како и да е, по тие драматични настани се установило дека кралот Александар Караѓорѓевиќ им подлегнал на раните. Во моментите пред да умре кралот, според кажувањето на министерот Јефтиќ, последните негови зборови биле: “Чувајте ми Југославију”, што е малку веројатно и повеќе имало пропагандно значење, поради големата веројатност дека кралот починал веднаш по извршениот атентат.

Атентатот врз југословенскиот крал бил погубен и за францускиот министер за надворешни работи Луј Барту. Неговата прострелна рана во подлактицата не била опасна по живот, но поради нестручното поставување на завојот на неговата рана, дошло до обилно крварење кое предизвикало губење на свест кај францускиот министер. Во болницата во која бил донесен со ранетиот терорист, врз Барту била извршена хируршка интервенција, но неговото ослабено срце не можело да ги издржи тие напори, така што починал без да дојде при свест.
Ранетиот генерал Жорж и покрај тешките прострелни рани по петмесечно лекување успешно се опоравил и живеел до 1951 година, додека полицаецот Гали, којшто исто така бил ранет, починал после неколку месеци. Атентаторот исто така во тешка состојба бил пренесен во болница и околу 8 часот навечер, без да дојде при свест, подлегнал на повредите.

При прегледот на личните работи на атентаторот, полицијата во неговите алишта пронашла чехословачки пасош на име Петер Келеман, како и револвери од марката “Маузер” и “Валтер” и бомба. При аутопсијата на неговата десна рака била пронајдена тетоважа со иницијалите на ВМРО, череп, вкрстени коски и паролата Слобода или смрт. Атентаторот бил погребан на 12 октомври на гробиштата во Марсеј и неговиот гроб не бил одбележан.

При обдукцијата на телото на атентаторот има веројатност дека бил пронајден куршум за кој се сметало дека веројатно бил истрелан од неговиот соучесник од усташкото движење, Мијо Крал. Тоа било договорено пред извршувањето на атентатот за да не проговори нешто во врска со неговото планирање во случај да биде фатен од страна на француските власти. Смртта кај атентаторот настанала од тој куршум, без да може да ја голтне отровната ампула која ја имал во неговата уста и која исто така ја чувал за да не биде жив фатен по атентатот.
Атентаторот на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ бил Владо Георгиев – Черноземски, кои во круговите на ВМРО, од каде што потекнувал, бил познат под името Владо шоферот. Всушност, вистинското име на терористот не било ни горенаведеното, туку Величко Димитров – Керин. Како и да е, Владо Черноземски бил назначен од страна на раководството на ВМРО да ја изврши оваа тешка задача поради неговата храброст и големиот број на атентати што пред тоа ги имал успешно извршено благодарение на неговата умешност во ракувањето со оружје.

Организаторите на атентатот веројатно намерно не испланирале сигурно повлекување на директните извршители на убиството на кралот Александар за да со нивното елиминирање се отстранат опасностите за откривање на нарачателите.

Во критичните моменти пред непосредната акција, Мијо Крал, кој требало да му помогне на Черноземски, станувал се понервозен и колеблив во врска со успешниот исход на атентатот. На предлогот да се повлечат од намерата за атентат врз кралот, ладнокрвниот Владо Георгиев му одговорил на хрватскиот усташ дека и него ќе го убие доколку не го следи, што подоцна на судењето било потврдено и од самиот крал.

Во моментот кога вниманието на Черноземски било насочено кон автомобилот на кралот Александар, неговиот придружник Крал ја искористил толпата народ и побегнал од местото на настанот. Тој се обидувал да побегне, но поради непознавањето на францускиот јазик станал сомнителен за полицијата и при еден обид да биде легитимиран започнал да бега, но бил фатен од страна на француските власти во близина на селото Мелон.

За тоа време, другите двајца усташи, Поспишил и Рајиќ се наоѓале во Париз и за атентатот дознале од вечерните весници, кои со големи наслови известувале за марсејскиот атентат. Откако увиделе дека Кватерник нема да се појави на договореното место во Париз, тие решиле преку местото Евијан да заминат за Лозана во Швајцарија.

На 11 октомври, во раните утрински часови, Поспишил и Рајиќ биле уапсени во нивните хотелски соби во градот Тонон. По апсењето на тројцата припадници на усташката организација станало очигледно учеството на оваа хрватска емигрантска организација во атентатот врз кралот Александар Караѓорѓевиќ. Тогаш Франција упатила официјално барање до Италија да ги уапси усташките првенци, Анте Павелиќ и Еуген Кватерник.

Под притисок на француската дипломатија и на Југославија, италијанските власти се согласиле да ги уапсат усташките водачи, но единствено нешто што направиле во полза на расветлувањето на атентатот било земањето на писмени искази од обвинетите. Павелиќ и Кватерник одрекувале било каква поврзаност со убиството на југословенскиот крал и дури негирале дека воопшто се членови на усташката организација.

(Продолжува)

Извори:
1. Istoricheski pregled, Books 1-6, Bŭlgarsko istorichesko druzhestvo, Institut za istoria (Bŭlgarska akademia na naukite), 1987, str. 49.

2.Велинград – online, публикувано на 12 октомври 2010 г. В памет на Владо Черноземски.

3. Request of the Yugoslav government under article 11, paragraph 2, of the Covenant: Communication from the Hungarian government, Hungary – Yugoslavia, League of Nations, Tibor Eckhardt, Publisher League of Nations, 1934, p. 8.

За авторот на оваа статија

>