Новото вето од Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ е фијаско и голем пораз за македонската дипломатија и стратегија „Во ЕУ по секоја цена“. И покрај сите понижувања и отстапки од македонска страна, Бугарија и со техничка влада, и со нова влада која што наскоро ќе пристапи кон работа, не отстапува од своите црвени линии. Договорот за добрососедство требаше да ги приближи Македонија и Бугарија, а истиот уште повеќе ги раздвои и ги скара. Факт е дека македонската надворешна политика во однос на Бугарија е целосно промашена. Пред потпишувањето на Договорот за добрососедство, македонските власти, дипломатија требало да бидат свесни во каква авантура се впуштаат. Македонските власти никако да разберат дека во надворешната политика има само интереси, кои што се вечни, и дека нема пријатели, а има времени сојузници.
Во надворешната политика, и посебно при склучувањето на важни меѓународни договори играњето само на една карта или План А кога си во подредена позиција на крајот води до пораз и тешки компромиси на штета на националните интереси. Само несериозни држави имаат План А, сите сериозни држави имаат за такви сценарија повеќе планови и карти во ракавот. Уште при потпишувањето на договорот со Бугарија се знаеше дека се отвара Пандорината кутија, бидејќи Македонија има централна улога во бугаската надворешна, воена и внатрешна политика во последните 150 години. Поради Македонија Бугарија ја започна Втората Балканска Војна, и зеде учество во Првата и во Втората Светска Војна. Бугарија доживеја две национални катастрофи поради Македонија. Играњето на картата дека Берлин и Вашингтон ќе извршат решавачки притисок врз Софија не се оправдаа. Париз не е заинтересиран за спорот помеѓу Скопје и Софија. Берлин е преукупиран со внатрешни проблеми и со Украина. Вашингтон е преукупиран со своите внатрешни проблеми, инфлацијата, како и Студената Војна со Кина и со Русија.
Република Македонија во овие 30 години има импотентна и нефункционална дипломатија. Министерството за надворешни работи и дипломатските претставништва ширум светот се дувло на партиски кадри и семејни кланови. Во нашите дипломатски претставништва работат нестручни кадри, кои што немаат соответно образование, немаат завршено факултет за дипломатија, МНР нема дипломатска академија, немаме дипломати од кариера. Да биде уште потрагично, голем дел од вработените не го знаат јазикот во државата каде што работат, не учеле таму, не ги знаат обичаите, традициите во таа држава. И поради тоа не ги испорачуваат потребните резултати ниту на дипломатски, а ниту на економски план. Економската дипломатија, и во 21 век дигиталната дипломатија се научна фантастика за МНР. Нефункционални сајтови, никој не одговара на службените е-мајлови, не се организираат никакви настани и манифестации. Оваа информација најдобро говори за македонската дипломатија: Од вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва, Македонија нема свој претставник во 27, а меѓу нив се и позициите во Вашингтон, Пекинг и Москва.
Доколку Македонија во минатото водеше повеќе векторска надворешна политика, денес ќе имаше маневарски простор за време на преговорите со Бугарија и можноста за притисок врз Брисел и Вашингтон. Како што направи Грција за време на економската и финансиската криза во 2008 година, или како што денес прави Србија. Македонија требаше да изгради и да оддржува добри врски и конекции со Кина, со Русија, со Турција и со Израел. Водењето на едно векторска надворешна политика ни се одби од глава. На територијата на Македонија, или низ Македонија како резултат на таквата надворешна политика во моментов не се гради или не поминува ниту еден стратешки коридор, енергетски проект, или логистички центар. Државите од соседството профитираа од добрите односи и конекции со сите светски сили. Во соседните држави чести гости се светските лидери, министрите за надворешни работи на светските сили, но Македонија тие ја заобиколуваат. Преку Бугарија и Србија поминува „Турскиот тек“, во Србија се гради огромен подземен склад за складирање на гас, во Грција Кина ги модернизира пристаништата во Пиреја-Атина и во Солун, додека САД го расшируваат своето економско и воено присуство. Нашите соседи на практичен начин ни покажуваат дека може и треба да се соработува со сите светски сили.
Триеседгодишната политика на отстапки и на повлекување на внатрешен и надворешен план ја доведоа Македонија и Македонската нација пред свршен чин. За период од триесет години не успеавме да изградиме јасна национална стратегија со црвени линии, со јасни и конкретни политики и планови на внатрешен и надворешен план. Не успеавме да изградиме институции и функционален систем за доброто на граѓаните. Ова што во последно време ни се случува е само финале на тој процес. Македонската нација е длабоко поделена и е под постојан психолошки притисок и од надвор и од внатре. Се редат поразите и понижувањата и на внатрешен и на надворешен план, а македонецот се повеќе и повеќе е разочаран и ја наведнува својата глава, наместо да се бори против системот.
Пишува: Дарко Тодоровски
Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар
Поврзано
Луганск – Изложба на трофејна украинска воена техника
За оние со празни животи
Како се храни руската армија во Украина?