Периодов кризата во Босна и Херцеговина повторно ескалира, како во август 2021 година, и истита на крајот може да доведе до поделба на Босна и Херцеговина и до криза и дестабилизација на целиот Балкански Полуостров. Република Српска под водство на Додик отворено работат на проектот независна Република Српска. Националното собрание на Република Српска вчера донесе историска резолуција за повлекување од сојузната судска, безбедносна и трезорска унија во Босна и Херцеговина. Очигледно дека Додик го премина “Рубикон”, и 49 од 83 пратеници во телото гласаа за заклучоците со кои Националното собрание на Република Српска го повлекува одобрувањето на законите што ја регулираат одбраната и безбедноста, системот на индиректно оданочување и формирањето на Високиот судски и обвинителски совет. Интересно е дека пратениците од опозицијата ја напуштија седницата пред гласањето, откако опозициските лидери го обвинија Додик за време на жестоката дебата дека нуди опасни предлози кои можат да доведат до отворени конфликти во земјата и во регионот.
Република Српска укинува 4 закони за одбрана и безбедност, 7 даночни закони и законот за Високиот судски и фискален совет на Босна и Херцеговина. Се повлекува согласноста за пренос на овластувањата за безбедност (2005), фискална (2003) и за судска унија (2004). И од владата на Република Српска се бара да се повлече од договорите потпишани во тие години. Оние кои се за враќање на власта во Република Српска сметаат дека тоа не е кршење на Дејтонскиот договор од 1995 година, туку дека овие институции беа воведени подоцна (2003-2005 година). Законодавното собрание и дава на владата на Република Српска 6 месеци за делумно исклучување со Федерацијата Босна и Херцеговина: и донесување на нови закони на Република Српска за одбрана (армија), Судски совет, ДДВ и акцизи.
“Денешната одлука на Народното собрание на Република Српска да започне со изготвување на закони за создавање паралелни институции во Република Српска е натамошен чекор на ескалација [1].” – заедничка изјава на Амбасадите на САД, Велика Британија, Германија, Италија, Франција, и на другите земји членки на ЕУ.
„Членовите на владејачката коалиција во Република Српска мора да бидат свесни дека продолжувањето на движењето низ овој ќорсокак предизвикувајќи го дејтонскиот договор им штети на економските перспективи на ентитетите, ја загрозува стабилноста на земјата и на целиот регион и ја загрозува иднината на Босна и Херцеговина во ЕУ, пренасочување на инвестициите и пренасочување на фокусот од борбата против корупцијата [2]“ се вели во заедничката изјава на Амбасадите на САД, Велика Британија, Германија, Италија, Франција, и на другите земји членки на ЕУ.
Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска во Сараево изјави дека нема да има војна во Босна и Херцеговина, ниту армија на Република Српска.
„Тоа нема да се случи. Тоа еднаш го кажав и ќе повторам: Нема да има војна во БиХ. Ова не е 1991 година“, изјави Ескобар во интервју за сараевската телевизија Н1. „Прво, не постои армија на Република Српска. Второ, имаме мировен мандат од Советот за безбедност на ОН. Никој не го интересира таква ескалација. Ниту Србија, ниту Хрватска, ниту Русија, никого. Она што треба да се направи, ако ги погледнеме вооружените сили, е како да се создадат способни вооружени сили кои ќе ги задоволат потребите на сите“, рече Ескобар. Тој додаде дека „треба да се обезбеди функционирање на државата, со сите разлики меѓу сите нивоа на власт [3]“.
Претседателот на Република Српска и член во претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, вчера имаше историски говор во Народното собрание на Република Српска. „Имаме карактер на слободен народ. Можат нас да не променат како што можат да го исушат океанот. Не сакам подобар аранжман само за Република Српска, сакам подобар аранжман и за Босна и Херцеговина“, рече Додик на почетокот на своето обраќање во парламентот на Република Српска. Тој понатаму рече дека е од суштинско значење за Босна и Херцеговина и ентитетот на Република Српска да се поставуваат и решаваат тешки прашања. Интересно е дека пред само неколку денови Додик беше во официјална посета на Москва, каде што имаше средба со рускиот претседател Владимир Путин. Најверојатно Додик се консултирал со Путин за активностите и чекорите кои што тој ги превзеде, и добил силна поддршка од Путин дека Русија стои позади Република Српска.
„Се соочуваме со големи предизвици. Ако не ги решиме овие предизвици, постои опасност Босна и Херцеговина да се распадне и Република Српска да се придвижи кон излегување од составот на Босна и Херцеговина“, додаде Додик. Мојот принцип, нагласи Додик, е дека ентитетските парламенти мора да играат поголема улога.
„Приговорите се однесуваат на мешање во нашата јурисдикција. Лути сме на пресудите донесени во Уставниот суд на Босна и Херцеговина. Босна и Херцеговина не оди во вистинската насока. Ќе мора внимателно да одмериме што ни треба, а што не. Ние не можеме секогаш да го добиеме она што го сакаме, но тоа не значи дека треба да се откажеме од тоа што е наше“, нагласи Додик. Тој додаде дека иницирале преглед на трансферот на надлежностите со цел да се добие анализа на ставките во кои Босна и Херцеговина помага и возвраќа.
„Босна и Херцеговина се движи во насока во која не се договоривме. Зошто не можеме да го имаме тоа што го потпишавме? Една по друга, надлежностите се менуваат во корист на Босна и Херцеговина и не забележуваме дека некој е загрижен за тоа. Затоа можеме да одговориме на прашањето за опстанок и излез од составот на Босна и Херцеговина. „Нека ги слушаат позициите кои се залагаат за враќање на надлежностите на субјектите“, рече Додик.
После тоа Додик изјави дека се што претходно прочитал е парафразиран говор на Дејвид Камерон, поранешниот премиер на Велика Британија. „Овој говор го одржа во 2013 година и со тоа го најави Брегзит. Само во овој говор ја заменив Велика Британија со РС, а Босна и Херцеговина со Европската унија [4]“, заклучи Додик. Во својот говор Додик најави и референдум за новиот устав на ентитетот Република Српска.
Лидерот на бошњаците Бакир Изетбеговиќ се огласи откако Народното собрание на Република Српска денеска ги усвои заклучоците со кои се отвора пат за враќање на надлежностите од државата на овој субјект. „Денешните одлуки на Националното собрание на ентитетите на Република Српска, кои беа изгласани од политичката група собрана околу Милорад Додик, се директен удар врз Дејтонскиот мировен договор и уставниот поредок на Босна и Херцеговина [5]“, изјави Изетбеговиќ. Според него, правосудните институции на Босна и Херцеговина се должни да реагираат одлучно и да преземат итни чекори од нивна надлежност. Високиот претставник Кристијан Шмит ја има истата обврска, како и земјите гаранти на Дејтонскиот мировен договор. Тој додаде дека не треба да има одлагање или чекање од шест месеци.
Претходниот Висок претставник за Босна и Херцеговина (како резултат на Дејтонскиот договор), Валентин Инцко, пред да му заврши мандадот, во август 2021 година го донесе указот за „Одрекување на геноцидот“, кој што внатрешно ја подели Босна. Додека Република Српска не го признава указот и изјави дека тој нема да се почитува на нејзиниот дел од територијата, другиот дел на Босна со радост го дочека тој закон. Според Дејтонскиот договор, најмоќниот човек во Босна е странец, односно Високиот претставник, и неговите одлуки, укази и закони никој од властите во Босна не може да ги поништи. Валентин Ицко со својот указ ја отвори Пандорината кутија, и сите понатамошно чекори кои што следеа од страна на Додик и Република Српска се резултат на одлуката на Ицко. Балканот влегува во интересен и турбулентен период, како и цела Европа.
Пишува за Брегалнички портал: Дарко Тодоровски
Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар
Поврзано
Луганск – Изложба на трофејна украинска воена техника
За оние со празни животи
Како се храни руската армија во Украина?