НАШИ ПРИЈАТЕЛИ

Ресторан Царевоселски Делчево
www,agrar.mk
www.intlegis.com
www.palma.mk
www.hotelmakedonijadelcevo.mk
www.rcz.delcevo.org.mk
www.bregalnicki.mk
www.digilit.rcz.org.mk
www.destinationdelcevo.mk
www.hope.mk
www.kudgocedelcevdelcevo.mk
ноември 26, 2022

Македонски Тајмс

Охрабри го светот

Во Бургас, Бугарија, на крајбрежјето на Црното море, на 2-ри декември се оддржа конференција, поточно национална тркалезна маса „Морето – граница или врата“ 2021. Националната тркалезна маса беше поделена на две сесии, „Црно Море – зона на мирот. Статус, перспективи, закани“ и „Кримската платформа ризици и/или можности за Бугарија“. Конференцијата беше организирана од страна на  Црноморскиот институт од Бургас и Ростовскиот државен економски универзитет, од Ростов, Русија. Учество во конференцијата зедоа научници, политичари, историчари и експерти од Бугарија, Русија и Македонија. Во Бургас во фаза на создавање е Центар за истражување на Црното море.

Црното море е неразделно од средоземноморската античка цивилизација, од која што потекнува денешната европска цивилизација. Регион богат со култура, историја, археологија, природни убавини, но Црното море денес е регион кој што добива на геостратешка важност, и регион во кој што за жал во тек е активна милитаризација, поради судирот на интересите помеѓу Русија и Западот, поради што страда целиот регион.

Конференцијата ја отвори Георги Шабев – заменик министер за земјоделство, храна и шумарство на Бугарија, кој што изјави „Црното Море треба да стане регион во кој сите земји кои влегуваат во Црното Море соработуваат, без исклучок, и има координиран пристапи, каде што ќе се почитуваат интересите на сите играчи без исклучок. Контрадикторностите меѓу земјите кои постојат денес го попречуваат активниот економски развој на регионот. Сите заедно мора да обезбедиме мир и безбедност во Црното Море. Црноморскиот регион не е само можност, туку и одговорност на сите земји за неговата иднина“.

Несомнено, во црноморскиот регион денес се чувствува зголемена тензија – две земји се во ЕУ, една кандидат за членство во ЕУ, и една земја пријател во дефинирањето на партнерството на ЕУ. Три земји се членки на НАТО, другите се стремат да се приклучат, со исклучок на Русија. И во исто време меѓу земјите од регионот на Црното Море – старите конфликти и новите спротивставени меѓу Русија и Украина прават проблеми за сите. Кримската платформа, која што оваа година беше донесена во Киев, има за цел конфронтација помеѓу Русија и Западот, и Кримската платформа ќе има сериозни последици за целиот регион на Црното море.

Деница Николова, пратеник од редовите на ГЕРБ во новиот парламентарен состав на Бугарија, зборуваше за внатрешната политика во Бугарија, и дека потребно е на Црното море да му се даде поголемо внимание во новиот парламентарен состав. „Црното море има огромни ресурси за развој, но треба да се внимава на неговата заштита, потребен е баланс. Планот на Бугарија и Романија, „Морски просторен развој“ кој што е поддржан и од ЕУ, има за цел стратешко развивање на крајбрежниот регион на Црното море на Бугарија и Романија. Во тој план се предвидени три сценарија за развој, и тоа, економски, еколошки, и социјален аспект. Сите тие ќе бидат интегрирани во локалните и регионалните европски политики и стратегии.“

Бугарија е морска држава, без оглед на тоа што ЕУ не му го дава соодветното место и внимание на Црното море, но Црното Море е европско море. Потребно е Европа да му го даде соодветното внимание и место на регионот, внимание и место кое што го заслужува.

Иван Маразов, политичар од Бугарската социјалистичка партија, професор по културологија, главен специјалист за Тракијците во Бугарија, поранешен министер за култура и поранешен претседателски кандидат: „Единствено што сакам е Црното Море да биде тивко и мирно. Црното Море да биде за сите земји што влегуваат во него, вклучувајќи ги Русија, Украина, Грузија и Турција, за Црното Море да не стане воен мост. Црното Море е, се разбира, врата, а не граница“.

Во својот доклад, Жења Илиева, која што има свој бизнис во секторот туризај изјави „Кризата во Украина мора да се реши врз основа на договорите од Минск во согласност со резолуцијата на ОН и, за жал, украинската страна целосно го саботира своето учество во Минскиот процес. Политичките ПР потези и воените авантури на украинските власти не можат да бидат поважни од нашите национални интереси и стабилност во регионот. Во овој поглед, провокациите како онаа што ја изврши британскиот воен брод, разурнувач Дефендер, кој што навлезе во територијалните води на Русија во Крим, доведуваат до ескалација на тензиите и претставуваат ризик од директна конфронтација меѓу нуклеарните држави и светски сили, и тешко дека такви конфликти одговараат на националните интереси на Бугарија, како и на интересите на ЕУ и НАТО.“

Илиева понатаму продолжи „Бугарија мора да ја игра таа балансирачка улога што ќе овозможи мирна транзиција низ овој водвил во Црното Море. Нашите интереси сугерираат дека зајакнувањето на военото присуство, а да не зборуваме за идејата за распоредување воени бази на НАТО во нашата земја, е против интересите и развојот на нашата земја, како и за надминување на кризите во кои моментално се наоѓаме како држава. Нашата позиција за Крим е јасна. Ние го поддржуваме меѓународното право. Но, без закана за регионот на Црното Море со воени интервенции. И зарем Бугарија не треба да ги става интересите на една или друга земја над сопствените национални интереси?“

Сите држави во регионот треба да внимаваат на политичките процеси што се развиваат во регионот. Се разбира, регионот не може да биде изолиран од геостратешките текови, сите држави мора да се фокусираат на заштита на регионот од сите воени тензии, распоредување воени бази и воени системи, патролирање на воени бродови и авиони во Црното море, непланирани вежби од страна на НАТО и од страна на Русија кои што водат кон зголемување на тензиите.

Територијата на Црното Море, треба да се користи само за креативни, мировни активности. Црното Море и Црноморскиот регион треба да се сметаат како важен потенцијал за економски раст, социјален просперитет, образовен и културен развој на сите држави од регионот. Невозможно е да се реализираат проектите и стратегиите во Црното море – осмислени и реални, кои што се неопходни за развој на регионалната економија, науката, образованието, културната размена, доколку не постои политичка волја помеѓу државите во регионот, како и помеѓу Русија и Западот, за да се обезбеди мирна средина за нивна реализација. Ако сакаш да стигнеш брзо патувај/движи се сам, ако сакаш да стигнеш далеко движи се со своите истомисленици

Пишува: Дарко Тодоровски

Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

За авторот на оваа статија

>