Премногу доцна сфаќаме дека сега навистина е доцна и нема што веќе, па слободно би можеле да ставиме точка а не три точки и продолжение. Тогаш нема потреба од лажните жалења, од солзи кои не го чистат образот, од збор кој не може да избрише илјадници зборови кои претходно биле кажани. Се почесто премногу доцна сфаќаме дека е навистина доцна. Е тогаш ниту си жив, ниту мртов, онаа полу си, онаа кое те дели од оној и овој свет, се држиш за суво гранче, и види едно зелено ливче само, е тоа ливче си ти, па види дали сувата гранка ќе се откине или едно мало зелено ливче ќе успее да ја спаси, всушност да се спаси. Ние навистина премногу доцна сфаќаме дека навистина е доцна и како кажале -ножот е дојден до коска. Е кога веќе е така си плукаме по племето и семето, и мајката ни света и оваа судба клета, и што луѓе ќе бевме, брзај сегде не стасувај нигде, грабај и грабај за себе, за детето, за внукот, правнукот и за не знам кој уште не, и грабај оти малку е се, а несвесен дека од тука празен ќе заминеш и ништо не ќе оставиш, брзај пред времето, да пораснеш, да станеш полнолетен, да возиш, да одиш во школо, брзај да завршиш факултет во рок за да побрзо си фатиш место во биро,брзај дома, на работа, на кафе за да кажеш збор два оти веќе си преморен свесно или пак сосем не, брзај да стапиш во брак, да имаш жена, маж, дете, куќата да ти е чиста, детето како издресирано кутре кои ќе ги слуша командите, бидејќи ти брзаш и немаш време чекор по чекор да уживаш во секој миг од животот не знаејќи дека можеби тој миг е твој последен, не знаејќи дека тебе утре може да те нема, не знаејќи дека ќе појдеш на пат и повторно нема да се вратиш, не кажуваш догледање оти доцниш… а не знаеш дека тоа е тивко збогум.
Само брзај да ги штиклираш сите задачи кои животот ти ги дал, само брзај и оди, а се запраша ли себе си до кај сум.
Што сум, кој сум, што правам, дали навистина постојам како човек или само фигура која брза да ги исполни своите задачи.
И знам, нема секој да се сложи со моето излагање, па ќе испише низа коментари, па не било вака,било така, а сите ние всушност брзаме и кога ќе ни се случи нешто големо за жал е тогаш на миг се враќаме во живот. Па зарем треба да чекаме да се случуваат трагедии за да се освестиме дека овој живот нема цена и нема реприза, зарем треба да загубиме за да добиеме вистинска и права вредност на животот, зарем треба да гледаме како цело семејство згаснало, како мајка гушната со своите дечиња изгорела, зарем треба да гледаме како младост згаснува за да во нас бури се вселат, зарем треба да гледаме како голема љубов умира за да ние ја почуствуваме вистинската љубов, најубавата младост… Ех луѓе,луѓе не сме свесни дека животот ни мина во брканици,турканици,трчање,лажно љубење, судење без знаење,зборови кажани без каење, делење на наши и ваши, со прст вперување брат на брата,предрасуди и презири, на оние и овие, а ние да сме ти биле едно, сите од крв и месо, само различна е облеката и говорот, меѓусебно почит немаме а бараме преку граница да не’ почитуваат, меѓусебно се колеме а сакаме некој од надвор да не’ милува. Е нема, се дури живееме во заблуда а немаме соживот ќе си патиме, и верувајте никој нема да ни помогне, секој лажно ќе се сожалува а вистински ќе се радува како тонеме. Се е до нас и во нас! Ние сме едно, не важно како зборуваш, човек си…за да не биде премногу доцна кога навистина ќе е доцна. Љуби сакај живеј со полни гради,полека, ќе стигнеш се,прегрнувај топло,нежно и силно,ветувачки дека тоа нема да е последно, не суди, затоа што сите сме грешни, подели и помогни ако можеш, ама не посегнувај по туѓото, голем си ако се радуваш на туѓиот успех и среќа, а не алчно да прибираш и грабаш за себе, почитувај ја жената која те роди, таткото кој за тебе постои, и секој стар човек па и просјак да е, почитувај ги рацете кои те пораснале и учи ,учи како ти треба некого да пораснеш. Не брзај, ќе стигнеш, и пак да не чекаме да се случуваат трагедии за да се освестиме каков живот живееме. На пат сме и не знаеме каде и како ќе завршиме, но да направиме еден поинаков живот за нашите деца.
Размисли како живееш дури навистина не стане доцна.
Пишува: Ана Љубиќ за Брегалнички Портал
Поврзано
Луганск – Изложба на трофејна украинска воена техника
За оние со празни животи
Како се храни руската армија во Украина?