НАШИ ПРИЈАТЕЛИ

Ресторан Царевоселски Делчево
www,agrar.mk
www.intlegis.com
www.palma.mk
www.hotelmakedonijadelcevo.mk
www.rcz.delcevo.org.mk
www.bregalnicki.mk
www.digilit.rcz.org.mk
www.destinationdelcevo.mk
www.hope.mk
www.kudgocedelcevdelcevo.mk
декември 9, 2022

Македонски Тајмс

Охрабри го светот

Ситуацијата во Европа денес се повеќе наликува на 60-тите години од минатиот век, за време на ракетната криза во Европа помеѓу САД и СССР. Денес тежиштето на тој судир се префрли од Централна Европа во Источна Европа, поточно на линијата од Талин па до Крим. Ескалацијата на ситуацијата околу Украина на виделина ги исфрли сите недоразбирања и проблеми помеѓу Западот и Русија. Постдамскиот мировен поредок како и стратешката безбедности баланс во Европа се мртви. Не е исклучена можноста доколку не дојде до договор помеѓу Москва и Вашингтон, во Европа повторно да дојде до милитаризација, трка во вооружувањето и ширум Европа да бидат распоредени оперативни стратешки ракетни системи од среден дострел. Како резултат на тоа ситуацијата се повеќе наликува на железничка катастрофа. Она што се случува е шокантно и сè уште е тешко за разбирање во првите моменти, ја менува вообичаената слика за светот, но постепено доаѓајќи во себе се поставува прашањето: што ќе се случи понатаму?

Од една страна Русија се чувствува измамена од САД и од НАТО, бидејќи при повлекувањето на советската армија од Источна Германија, на тогашниот лидер на СССР, Горбачов, од страна на Буш постариот, како и од претставници на НАТО, му биле дадени устни гаранции дека НАТО нема да се шири на исток, и да ја шири својата воена инфраструктура во близина на Русија. Но наместо тоа, НАТО и САД, особено после распадот на СССР продолжија да се шират на исток, и во НАТО влегоа скоро сите бивши членки на Варшавскиот Пакт од Источна и Централна Европа, со исклучок на Украина и на Белорусија. Сегашните а и претходните лидери на САД и на НАТО, изјавуваат дека тие дале усни гаранции на Горбачов и на СССР, но дека тие гаранции не биле писмени, и дека немаат правно обврзувачко дејство, и дека СССР се распаднал. 

За Русија од геостратешка и од воена точка, Украина, Белорусија и Грузија имаат огромно значење, особено за руската воена стратегија за стратешка длабочина уште од дамнешни времиња. Во случај на влегување на Украина во НАТО, и на распоредување на оперативни тактички ракетни системи во околината на Харков, тогаш тие ракети за само неколку минути би биле над Москва. А со тоа паѓа во вода целата одбранбена стратегија на Русија. Тоа уште во 2007 година го изјави рускиот претседател Владимир Путин за време на Минхенскиот самит за безбедност. Во познатиот Минхенски говор, со кој што ги запрепасти западните лидери, Путин тогаш изјави дека Украина и Грузија се црвените линии за Русија и за нејзината безбедност. Русија по никоја цена нема да дозволи влегување на Украина и на Грузија во НАТО. Двата последни самити на Путин и на Бајден беа поврзани со овие точки, како и разните состаноци на високи државни претставници од Русија и од САД ширум светот, како и помеѓу Русија и НАТО.

Поради тоа официјална Москва настојува Русија и НАТО мора да се вратат на условите договорени во 1997 година. Овој предлог го даде заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков. Тој истакна дека Русија и НАТО мора да се вратат на усогласеност со Основачкиот акт за меѓусебни односи, соработка и безбедност меѓу Русија и Северноатлантскиот договор од 1997 година. Според одредбите на овој договор, Русија и НАТО меѓусебно не се сметаат за противници [1].

Деновиве Министерството за надворешни работи на Руската Федерација објави нацрт-договор [2] со САД и НАТО за безбедносни гаранции, кој што во себе ги вклучува следните точки:

  • Русија му предлага на НАТО да се обврзе да го исклучи понатамошното проширување и пристапувањето во алијансата на Украина;
  • Русија и НАТО се обврзуваат да не распоредуваат ракети со среден и пократок дострел во области од каде што можат да ја погодат меѓусебната територија, се вели во рускиот проект;
  • Русија му нуди на НАТО да го консолидира договорот за мирно решавање на сите спорови и да се воздржи од употреба на сила;
  • Русија и Соединетите Американски Држави не ја користат територијата на други земји за да подготват или да извршат напад едни на други;
  • Русија и НАТО мора да се обврзат да не создаваат услови кои може да се сметаат за закана, се вели во рускиот нацрт;
  • Русија и САД се обврзуваат да не спроведуваат воени вежби со развој на сценарија за употреба на нуклеарно оружје;
  • Русија и САД се обврзуваат да не ја подготвуваат војската на ненуклеарните земји за употреба на нуклеарно оружје;
  • Русија му нуди на НАТО да потврди дека меѓусебно не се сметаат за противници;
  • Русија и САД се обврзуваат да не распоредуваат нуклеарно оружје во странство и да ги вратат веќе распоредените, како и да ја елиминираат инфраструктурата за распоредување нуклеарно оружје надвор од нивната територија;
  • Русија му нуди на НАТО да се откаже од секаква воена активност во Украина, Источна Европа, Закавказ, Централна Азија;
  • Русија и Соединетите Држави се обврзуваат да не распоредуваат ракети со среден и помал дострел во странство и во области од каде што можат да погодат цели на територијата на другата страна;
  • Русија предлага НАТО да не распоредува дополнителна војска и оружје надвор од земјите во кои биле во мај 1997 година (пред пристапувањето на источноевропските земји во алијансата) – освен во исклучителни случаи со согласност на Русија и членките на НАТО.

Но доколку се погледне самиот нацрт договор повеќе од јасно е дека барањата кои што Русија ги достави до САД се нереални, и дека истите САД ниту НАТО нема да ги прифатат. Русија пред САД ги претстави своите црвени линии, и ова не се позиции за преговори и трговија. Повеќе од јасно е дека Москва не очекува позитивен одговор од страна на САД, и токму поради тоа јавно ги објави своите барања. Обично во дипломатската практика барањата од таков тип не се објавуваат јавно. Москва е подготвена за преговори и трговија со САД во врска со Украина, и поради тоа преку воена дипломатија (групирање на воени единици на границата со Украина), Москва се обидува да го принуди Вашингтон на преговори не само за Украина, туку и за стратешката безбедност во Европа.

Белата куќа соопшти дека САД ги виделе предлозите на Руската Федерација, разговараат за нив со партнерите, без нивно мислење тие нема да ги разгледаат. САД разговараат за безбедносни прашања со сојузниците во Европа и наскоро ќе стапат во контакт со руската влада – Белата куќа. Од Белата куѓа добавија дека некои од предлозите на Русија за безбедносните теми биле корисни, а другиот дел неприфатливи, и дека САД ќе го достават својот писмен одговор во текот на наредната недела – Блумберг.

Од официјален Брисел објавија дека Европската унија се придржува до постојните договори во областа на безбедноста и се залага за преговори со Русија во рамките на постоечките формати, изјави на 17 декември портпаролот на службата за надворешна политика на ЕУ Петер Стано.

„Завршниот акт на Хелсинки и Париската повелба ни ги понудија клучните принципи околу кои се гради европската безбедност. За таа цел, развивме голем број механизми за градење доверба. И, покрај Советот Русија-НАТО, ОБСЕ нуди механизми кои остануваат фундаментални во секоја интеракција со Русија [3].“ Така, претставникот на ЕУ реагираше на предлогот на Москва за правно потврдување на билатералните безбедносни гаранции со САД и земјите-членки на Северноатлантскиот договор (НАТО). Според Стано, секоја од земјите има право да избере своја надворешна политика и сојузи за да обезбеди безбедност и „Русија тоа мора да го разбере и почитува“.

Украинската криза во голема мера е предодредена од позицијата на Западот и неговото преовладувачко мислење за Русија. Како и досега, овој став се заснова на целосното непризнавање од страна на Западот дека Русија има свои стратешки права, интереси и грижи во однос на обезбедувањето на нејзината безбедност. Секакви дејствија на Русија во однос на Украина не се важни – позицијата на Русија во однос на Украина и руските интереси во Украина (како и проширувањето и зајакнувањето на военото присуство на НАТО) во секој случај би биле игнорирани.

Пишува за Брегалнички Портал: Дарко Тодоровски

Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

За авторот на оваа статија

>