Во Русија постои стара изрека, според која што војната е војна, но ручекот мора да биде даден во точно утврдениот рок. Повеќе од месец дена со несмален интензитет трае војната во Украина помеѓу Украина и Русија. Според официјална Москва, се работи за Специјална воена операција, а според официјален Киев, се работи за воена агресија од страна на Русија врз Украина. Според некои проценки, Русија на територијата на Украина има разместено повеќе од 150 000 војници, плус припадници на Националната Гарда, припадници на другите безбедносни служби и органи. Во тој број не се вклучени и силите на армиите на Доњецката и на Луганската Народна Република. Се работи за огромен број на војници и припадници на другите безбедносни служби кои што се распоредени на театрот на воени дејства во Украина, односно во разни оперативни зони. За нивно функционирање, потребна е огромна логистика на сите нивоа, а посебно кога се работи за храната. Покрај подвижните теренски воени кујни и пекарни кои што работат 24 часа за да ги нахранат големиот број на војници, офицери, припадници на Националната Гарда на Русија и другите безбедносни структури, војниците добиваат и посебен индивидуален пакет со храна и други производи секој ден. Може само да се замисли каква логистика, синхронизација и транспорт е потребен за сите војници, без разлика во која воена зона и позиција се наоѓаат, независно дали се во рововите, борбените возила и тенкови, на аеродромите, да го добиваат дневното следување на храна, поточно индивидуалните пакети со храна. Покрај за војниците, војничките теренски кујни и пекарни готват храна и спремаат оброци и за бегалците, како и за жителите на ослободените населени места и региони на Донбас.
На групата странски новинари ни беше кажано дека бидејќи деновите ќе ги поминуваме на терен на разни точки од регионот Донбас, наместо храна во ресторани или готвена храна, ќе добиваме готови индивидуални пакети војничка храна, каква што добиваат руските војници. Сите новинари со нетрпение чекавме да го добиеме својот пакет и со свои очи да видиме каква храна соддржат тие војнички пакети, и да ги отвориме пакетите и да ја пробаме храната. Од рацете на припадниците на Силите за специјални операции на Русија секој ден ни беа давани по еден пакет војничка храна. На пакетот стои знакот на Руската армија, дека се работи за индивидуален пакет со храна за еден ден, и дека истиот не е наменет за продавање. Пакетите со храна се изработуваат за рускиот Военторг, од страна на Грјазинската прехранбена компанија од градот Грјази, Липецката област.

Пакетите се со тежина од 2,1 килограм, и постојат 7 различни пакети со храна, во зависност од желбите и изборот на војниците. На пакетите се јасно е напишана енергетската вредност, калориска содржина, протеините, мастите како и јаглените хирдати на сите производи кои што влегуваат во индивидуалниот пакет. Вкупната вредност на протеините во разните производи во пакетот се движи од 110 до 120 грамови, во зависност од самиот пакет, од 252 до 264 грамови масти, а бројот на грамови на јаглените хидрати се движи од 412 до 430 грамови. Во пакетите исто јасно е напишан и составот на таблектите, односно на витамини и минерали кои што ги соддржат. Во пакетите има рекомендации и правила за начинот на употреба на секој производ од пакетот. Секој пакет соддржи по 41 разни производи, од различни видови на храна, од готова храна која што треба да биде подгреана, до различни паштети, месни нарезоци и други производи од месо, пире од јаболка, џем од овошје, чоколада, до прибори за јадење, витамини, сол, шеќер и разни зачини, чаеви, кафе и млеко за кафе, специјални таблети за дезинфекција и прочистување на водата, гуми за џвакање па се до влажни и обични салфетки и прибор за подгревање на храната на отворен и затворен простор. Што соддржи секој индивидуален пакет од 2,1 кг? Наместо леб, секој индивидуален пакет соддржи 4 паковки различни армиски хранливи бисквити, од два вида. Во пакетот влегуваат неколку разни видови на паштети и конзерви, од кои една мала јетрена паштета од 50 грама (свинска или пилешка), паштета од мелено свинско месо од 50 грама, специјалитет под името војничка сланина од 100 грама, и кашкавал во конзерва од 80 грама. Овие паштети и конзерви кои што обично служат за појадок или вечера, плус специјални витамини кои што се конзумираат после појадокот. Од готвенатата храна која што треба само да се подгрее влегуваат по еден гулаш со пире од 250 грама, хељда со говедско месо од 250 грама, чорба од зеленчук од 100 грама, кофтиња од говедско месо во сос од 250 грама кои што обично служат за ручек и вечера. Конзервите со храна можат да се конзумираат и во обичен вид, или да бидат подгреани.

Покрај конзервите и паштетите, во пакетот со храна влегуваат и кондитерски производи, црна армиска чоколада од 30 грама, џем од овошје од 45 грама, како и пире од јаболка 100 грама. Во пакетот исто влегуваат и три разни видови на сокови за растварање, две ќеси со кофе за растварање, два црни чаеви, и две паковки на млеко во прав за кафињата, три ќеси со шеќер од по 20 грама, пет ќеси со сол, ќеса со црн пипер, десет гуми за џвакање, преносен мал комплет за подгревање на храната, ќибрит, три пластични лажици, пластичен ножб три обични салфетки, како и три влажни салфетки. Во пакетот се и три специјални таблетки за дезинфекција и прочистување на водата, бидејќи во услови на војна, постои можност водата да биде загадена, а и војниците да не можат да добијат шишиња со вода, па да мора да користат вода од реките или другите извори.
Како вистински гуру, на терен и во автобус, заедно со другите новинари, имав можност да ги пробам практично сите продукти кои што влегуваат во индивидуалниот пакет, од разните видови на паштети, па се до готовите конзерви. Дел од конзервите пробав во обичен вид, а дел подгреани. Се работи за вкусна и калорична храна, после која што човек е сит, и може да функционира. Посебно ми се допадна гулашот со пире, војничката сланина, ќофтињата од говедско месо во сос, кашкавалот во конзерва како и разните бисквите кои што се замена за лебот. Дел од производите не се произведуваат и не се продаваат кај нас на Балканот, па затоа ми беше посебно интересно да ги пробам.
Во разговорите со припадниците на Силите за специјални операции на Руската Федерација, како и со војниците, некои од нив изјавија дека храната во индивидуалните пакети без разлика на тоа што е вкусна и обемна, не им стигнува, бидејќи тие постојано се на терен, во движење и водење на воени дејства. Дел од војниците својата храна од индивидуалните пакети ја делат со жителите на ослободените населени места, кои што се во тешка хуманитарна ситуација, се додека не се нормализира и врати животот во нормала. Поради тоа, тие добиваат дополнителна храна за да можат нормално да ги исполнуваат своите војнички функции.
Пишува: Дарко Тодоровски
Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар
Поврзано
Луганск – Изложба на трофејна украинска воена техника
За оние со празни животи
Човек по природа: Материјалност или духовност?