По кратко боледување почина Димитар Узунски еден од најзначајните работници во културата не само во Делчево и Пијанец туку и пошироко во Македонија и во меѓународни рамки.
Димитар Узунски е роден на 22.09.1938 година во село Тработивиште, општина Делчево (тогашно Царево Село).
Завршил Педагошка академија група музичко воспитување во Скопје.
Над 50 години ја раководи ФГ КОПАЧКА с. Драмче и со неа има бројни настапи во земјата и странство како пејач, организатор, инструменталист и играорец. Кога го предаваше архивскиот материјал за негова национална и светска заштита во Министерството за култура, рече: „Ви го давам срцето“.Беше и надворешен соработник на Институтот за фолклор на Р. Македонија и до длабока старост се занимаваше со собирачка активност. За МТВ имаше учествувано во повеќе емисии, а за радио Скопје снимил 40 изворни пијанечки народни песни. За програмата на РТДелчево, за 12 години подготвил над 400 емисии, за серијата емисии „Од фолкорното богатство на нашето поднебје“.
Објавил три монографии:
-„Разловци“ во 2001 година;
-„Дедо Митко- ороводецот на Копачката“ во 2014 година и
-„Копачката, чекор по чекор до УНЕСКО- мојот живот со Копачката“ во 2016 година.
Се стекнал со повеќе признанија и награди: „Особено истакнат педагошки работник“-1980; Гран при од ФИИП „Пеце Атанасовски“ 2011; Плакета за животно дело од Градоначалникот на општина Делчево, по повод „100-год град Делчево“; Државна награда за народен уметник, 23-Октомври во 2014 год; „Најдобар културен работник на Источна Македонија“.
Со негова заслуга, „Копачката“ во 2014 година беше прогласена за национално културно наследство со особено значење од исклучителен интерес, а воедно и беше впишано во УНЕСКО, во Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на човештвото.
Извор: Брегалнички портал
Поврзано
Отчет за проектите на граѓаните на Карбинци: Една Година Градоначалник Виктор Паунов
Станавме како Кабул на времето но за новинари
Општина Лозово-општина без диви депонии е заложбата на градоначалникот Бошко Цветковски