Во извештаите на бројните дописници кои во тоа време биле испратени во Македонија нема никаква дилема за тоа кои биле Македонците, што сакале, за што се бореле, но немале дилема и за улогата на големите империјалистички држави кои „со својата многу голема дипломатска мудрост создадоа во Македонија неподносливи односи, страшни глетки и крвопролевања”…
Револуционерното движење на македонскиот народ за време на Илинденското востание и по него го привлече вниманието на странскиот дневен и периодичен печат. Весниците отворија специјални рубрики: „Македонија“, „Македонското прашање“, „Востание во Македонија“, „Народно востание во Македонија“, „Сеопшта револуција во Македонија“… За да се запознаат директно со револуционерното движење на македонскиот народ и да го следат одблизу развојот на настаните пред и по Илинденското востание, многу весници од САД и од Европа пратија свои дописници во Македонија.
Голем интерес во САД предизвикуваа извештаите на дописникот на американските весници Линч, кој за време на Илинденското востание ја обиколувал Македонија. Дописникот на лондонскиот весник „Дејли њуз“, Џон Мекдоналд, во своите дописи истакнува дека Турците направиле од Македонија „пекол на земјата“. Еден друг дописник на овој весник, А. Г. Хелс, покрај тоа што напишал низа статии за македонското ослободително движење, и директно учествувал во борбите во Серскиот револуционерен округ во 1903 година. Во своите написи им се обраќал на читателите во Велика Британија материјално да му помогнат на македонскиот народ во неговата праведна борба за слобода. Со своите дописи од Македонија се истакнаа и дописникот на агенцијата „Ројтерс“ А. Хамилтон, дописникот на „Дејли мејл“ Р. Вион, дописникот на „Манчестер Гардијан“ Х. Н.Брејлсфорд, дописникот на шкотскиот весник „Глазгов Хералд“ Грам и др.
Македонските борци не се дивјаци, туку борци за една возвишена идеја
Од француските дописници особено интересирање предизвикаа дописите од Македонија на Пјер Гифард, редактор на „Матен“ и на „Франсез“.
Со настаните во Македонија италијанското општествено мислење се запознаваше преку статиите на познатиот италијански публицист Вико Мантегаца, објавувани во весниците: „Ла Национале“, „Кориере дела Сера“ и др. Своите впечатоци од Македонија тој ги изнел и во книгата „Мацедониа“ (Милано, 1903).
Со реалистичниот опис на настаните во Македонија се истакнува и Франц де Јесен, редактор на весникот „Национал Лиденде“ од Копенхаген. Пишувајќи за неподносливата положба во Македонија, тој со многу симпатии ги опишува македонските борци за слобода со зборовите: „Тие не се разбојници, ниту дивјаци, но интелигентни, образовани луѓе, претставници на моралната сила на земјата; луѓе во сè слични на нас и луѓе што се пожртвувале за една возвишена идеја“.
Свои дописници од Македонија имаа и српските, хрватските и словенечките весници, кои објавуваа изворни материјали за положбата во Македонија. Загребски „Обзор“ пишува: „…со еруптивна сила како на силен порој, востанието зафати и старо и младо, машко и женско, со оружје в рака или да загине или да ги докрајчи патилата и неправдите… Европа се чуди на енергијата и одважноста на народот, кој со задното средство – оружјето, сака да го одржи понатамошниот живот“. Истиот весник во статијата „Сеопшта револуција во Македонија“ пишува дека „…востаниците скоро сосема ја одделија Турција од останата Европа.
Телеграфските жици се испокинати. Сите железнички мостови се кренати во воздух со динамит, а пругите се оштетени и сосема расипани… Денеска во рацете на востаниците се наоѓаат три најважни места: Кичево, Костур и Крушево…“. Риечки „Нови лист“ пишува дека востанието ја опфати цела Македонија и „…се шири со брзина на стрела. За скоро две недели бројот на востаниците порасна на 30.000… Прекината е секаква комуникација со Солун, како и онаа меѓу Солун и Цариград. Рушењето на мостовите и на другите комуникации на оваа пруга ја имаа целта да се запре концентрацијата на турските чети во Битолскиот вилает“. Новосадска „Застава“ пишува за заземањето на Крушево од востаниците и вели дека востаниците „веднаш одредија нова градска управа за одржување на редот и го запоседнаа градот за одбрана“. Во еден друг напис овој весник пишува дека „се установи градски совет. На куќата каде што се смести градската управа беше истакнато знаме“. Белградскиот весник „Мали журнал“ во еден допис пишува дека „…по градот (Крушево) се развеале околу 20 црвени знамиња, симбол на слободата за која се борат востаниците“.
Големите империјалистички држави создадоа во Македонија неподносливи односи
Голем број статии се посветуваат на настаните во Македонија по задушувањето на Илинденското востание. Англискиот дописник Р. Вион во едно писмо од Битола објавено во „Дејли мејл“ пишува дека „секојдневно се одигруваат крвопролевања, палежи, грабежи, убивања и колежи… Доаѓа несносна зима и донесува тежок глад, кој безусловно немило ќе пустоши во Македонија“. А „Хрватско право“ од Загреб вели дека причините за турските масакрирања се префрлуваат на големите империјалистички држави, кои „…во својата многу голема дипломатска мудрост создадоа во Македонија неподносливи односи, та сега гледаат како од нивните дипломатизирања дојде до страшни глетки и крвопролевања…“. Весникот „Обзор“ во еден свој допис заклучува: „Ете до каква состојба е доведена Македонија од Европа и од нејзината политика. Турците, охрабрени од нејзиното држење, ги продолжуваат своите злосторства и грабежи над христијанското население“.
Борбата на Македонците за слобода наиде на топли симпатии кај напредните општествени кругови во светот. Многу јавни личности, симпатизери на македонското ослободително дело, на јавните собири и митинзи се застапуваа за македонската кауза, повикуваа на поддршка на „страдалните Македонци“ и собирање помош за постраданите од востанието.
Во зборникот „Странскиот печат за Илинденското востание“ се објавени одбрани статии за одгласот на кој наиде Илинденското востание во странскиот печат. Тие ги прикажуваат настаните во Македонија пред и по Илиндеското востание, при што се опфатени сите поважни настани од развојот на македонското револуционерно движење во 1903 и 1904 година.
Така, весникот „Словенец“ од Љубљана на 12 февруари 1903 год. пишува: „…Македонците не обрнуваат внимание на тоа ќе им помага ли некоја туѓа власт или не. Сакаат да дејствуваат со својата тупаница. Свесни се дека сегашните состојби мора да се променат, инаку ќе се потребни реки крв. Од смрт немаат страв. Човек што не ги познава приликите мора да си претстави колку е свечена и возвишена одушевеноста на овие македонски кругови што се подготвуваат за востание… Македонските херои се готови да умрат за својата татковина…“ Весникот „Единост“ од Трст на 13 февруари 1903 год. пишува: „Вчера во Виена се одржа седница на одборот што беше составен пред кратко време од некои југословенски пратеници и од други пријатели на поробените Македонци. Тој одбор има задача да буди во Австрија интересирање за македонското прашање и да започне акција во полза на Македонците“.
Истиот весник на 16 февруари 1903 год. известува: „Руските весници пишуваат дека организацијата на сегашните македонски востанички чети започнала уште пред десетина години со тајни одбори. Сега Македонија е поделена на востанички окрузи, кои даваат извесен број востаници. Востаничките чети се наоѓаат по сите македонски села и нив ги повелаат македонски учители. Востаничките чети се движат по целата земја и се грижат да не замре востаничкото движење и востаничкиот дух меѓу населението“. „Обзор“ на 23 февруари 1903 год. пишува: „Каков и да имаат став големите сили и соседните држави по пат на реформи да го решат македонското прашање, македонските востаници, кои бараат автономија, нема да се откажат од долго подготвуваното востание, бидејќи се уверени дека земјата со реформи не може да се пацифицира во полза на христијанските елементи во Македонија“. „Словенец“ на 23 март 1903 год. пишува: „Албум за Македонија и за животот на Македонија на 1.500 страници имаат намера да издадат руските писатели. Ќе учествуваат и Лав Толстој и Максим Горки. Се смета дека за тоа за македонските маченици ќе се добијат 20.000 рубли. Исто така низ цела Русија ќе се држат јавни предавања во полза на Македонците “. „Единост“, (2 мај 1903 год.) пишува: „…Востаничките чети се множат како печурки по земјата, судирите меѓу востаниците и турските чети се секојдневни. Вчера дојдоа вести од Солун… Востаниците направиле 50 динамитни атентати и некои од тие атентати имале успех. Една динамитна бомба била фрлена на филијалата на Отоманската банка и банката била наполно разурната; истото стана и со Метиленската банка. Многу лица се убиени и ранети…“.
Бугарската влада не е загреана за македонските работи
„Словенски народ“ од Љубљана, на 2 јули 1903 год., меѓу другото, пишува: „Лошите прилики во Македонија му се познати на целиот свет и се пишува за Македонија, но сето тоа е неполно. Пред сè, погрешно е да се мисли дека Бугарите се толку многу одушевени за Македонците. Напротив, од тоа што се случува во последно време се гледа дека сè повеќе од тие што се иселуваат од Македонија…извршуваат разни работи за помалку плата, за што домашното бугарско население е принудено да ги мрази дојдените браќа. И бугарската влада не е загреана за македонските работи откако Македонците изјавија дека не сакаат да се присоединат кон некоја друга држава и дека остануваат под турската врховна влада. Каква и да биде таа влада, автономијата мора да им се признае на Македонците“.
Весникот „Реформи“ од 10 август 1903 год. го пренесува пишувањето на весникот „Информасион“ (Information) бр 182: „Независно од австроруската акција, италијанската влада овие денови повторно направи дипломатски постапки во Цариград по однос на смирувањето на Македонија… Италијанската влада се погрижи да докаже дека со давање автономија на Македонците, Турција нема да загуби ништо…“.
Поздрав од гарибалдијците од Венеција за македонските браќа
Весникот „Реформи“ од 16 август 1903 год. пишува: „Старите гарибалдијци во Венеција деновиве имале собрание во врска со настаните во Македонија и ја прифатиле следнава резолуција: Восхитени од јунаштвото на македонските браќа, кои силно се борат против тиранијата на една влада која е негација на справедливоста и цивилизацијата - старите венецијански гарибалдијци, од името на сите италијански гарибалдијци, им праќаат свој братски поздрав на македонските борци изразувајќи желба цивилизирана Европа да го отфрли егоизмот што ја срамоти и да се замеша во нерамната јуначка борба и да установи во Македонија влада што ќе даде гаранција за мир, правда и прогрес
“.
Во истиот весник пишува: „Борбата во Македонија предизвика такво воодушевување во срцата на многу младинци во странство што некои од нив решиле да ги остават и коските за слобода на херојските Македонци. Такви борци се јавиле од Чешка, од Одеса и од други места… Соопштуваат од Италија дека некои од италијанските гарибалдијци се готвеле да се борат за слободата на Македонија“. „Народна одбрана“ од Осиек на 18 август 1903 год., меѓу другото, пишува: „Здружената борба на Македонците станува сè поинтензивна… но бидејќи целата оваа борба не е без јасни цели и дека нејзините водачи добро го знаат сиот замав на востанието и не се лажат за конечните успеси, најубаво ни докажува мислењето на еден познат член на Македонската револуционерна организација. Неговите главни мисли… се овие: Ние сосема добро ги знаеме тешкотиите и гибелта што стои на патот за сеопштото востание во Македонија...Ние, како внатрешна организација што работи сосема независно од Бугарија и ужива многу повеќе авторитет и доверба неѓу македонските христијани, само ние можевме со сите средства да дадеме сигнал за сеопшт и последен здружен обид... Ние не сакаме да ги уништиме Турците, ниту да се ослободиме од суверенитетот на султанот, за тоа немаме сили... Ние сакаме да постигнеме нешто друго, сите големи сили, кои безусловно се заинтересирани за одржување на мирот, еден убав ден да се разбудат и да...направат нешто за христијаните во Македонија...Ние Македонците не сакаме никакво соединување со Бугарија во смисла како што тоа го сакаат Бугарите од Кнежеството...не знаеме дали нашето сегашно востание ќе успее...но нашата цел е чиста, благородна и возвишена
“.
„Црвена Хрватска“ (Дубровник), од 5 септември 1903 год. вели: „Од сите народи што во минатото се бореа за своето ослободување, ниеден не даде толку жртви, ниеден не покажа толкава пожртвуваност и истрајност, ниеден толку длабоко во практиката не покажа дека сериозно ја разбирал девизата слобода или смрт
како што досега се покажаа и сè повеќе докажуваат Македонците… Кога неодамна Македонците сакаа да го кренат во воздух скоро целиот Солун, најубаво се виде какви се тие борци. Колку работа требало за копање на јамите, колку решителност за фрлање на бомбите…Колку тешки маки поднесоа востаниците и од страна на Бугарија, која не може да ги потпомага, и од страна на Европа, која не се меша во состојбата што постои, и од страна на Русија, која не би сакала да ѝ се префрла дека активно се меша во балканските состојби… Трезвеноста, длабоката увереност и самопрегорот – тоа се одликите на македонските херои што им овозможуваат да станат сила, што е и причина за нивниот успех. Затоа и ние со напнатост ја следиме нивната борба. Затоа мораме од нив многу и многу да научиме“.
„Словенски народ“ од Љубљана на 9 март 1904 известува дека во Софија „се одржа голем митинг на српските и на бугарските студенти, кои се искажаа за балканска федерација, кон која да се приклучи и автономна Македонија“. Истиот весник на 29 април 1904 год. известува од Софија дека „Бугарската влада почна многу строго да постапува спрема македонските бегалци…тоа е последица од бугарско-турскиот договор. Македонските кругови се мошне револтирани и можно е нивната одмазда спрема Турците да се сврти против Кнежеството“.
Весникот „Словенец“ на 25 април 1904 год. известува дека „во околината на Битола востаничкиот водач Груев изјавил дека со своите востаници не се предава зашто турско-бугарскиот договор го смета за неполезен“.
„Словенски народ“ од 4 август1904 г. пишува за разговорот на дописникот на „Слободна реч“ со фактичкиот началник на Македонската внатрешна организација д-р Татарчев. „На прашањето што мисли за српско-бугарската спогодба, д-р Татарчев одговорил: Што прават тие две влади меѓу себе нас нималку не нè интересира, ние секогаш се отклонуваме да му дадеме на македонското дело било бугарски, било српски карактер. Нашата цел е да го ослободиме македонското население од турското ропство и да му оствариме за човека достоен опстанок. За таа цел ќе ни биде добредојдена помош од секаде, ќе ја примиме со благодарност, само таа да биде полезна. Никогаш нема да допуштиме Македонија да се приклучи кон Србија или кон Бугарија. Македонија на Македонците!
“
Извор:
(Од зборникот „Странскиот печат за Илинденското востание“, издание на Здружението на новинарите на НРМакедонија, Скопје,)
Поврзано
Јонче Христовски е бележит репрезент на душата на Македонскиот народ. Горди сме што го има(в)ме
Факти од природата: Како се храни младенчето-кит со мајчино млеко?
Кучешки живот