На денешен ден 19 декември 1921 година во селото Небрегово. прилепско е роден Македонскиот писател, поет, лингвист, новинар, професор, научник, член на МАНУ…. Блаже Конески.
Денеска Македонија одбележува 100 години од неговото раѓање.
Творештвото на Блаже Конески во многу свои сегменти е од особено значење за Македонскиот народ. Но се чини неговите стихови се тие кои што му ја даваат најголемата монументалност на овој творец.
Во продолжение проследете ја нарацијата на неповторливата песна “Тишина” од Блаже Конески во изведба на актерот Васил Зафирчев.
Видео записот погоре е дело на студентите од ФДУ по предметот Филмско и ТВ снимање а монтажата е на Драган Спасов Дац.

Блаже Конески основно училиште и нижа гимназија завршил во Прилеп (1934), а виша гимназија во Крагуевац (1939). Студиите во Белград ги почнал прво на Медицинскиот факултет, потоа на Филозофскиот факултет, на отсекот за Словенска филологија, a славистичките студии ги продолжил во Софија, каде што и дипломирал (1944). По војната работел како лектор во Македонскиот народен театар во Скопје, а во 1946 година станал предавач на Филозофскиот факултет, во Скопје, каде што, во 1957 година, станал и редовен професор и предавал историја на македонскиот јазик, при што во текот на сиот свој работен век бил шеф на Катедрата за јужнословенски јазици; бил декан на Филозофскиот факултет (1952/53) и ректор на Скопскиот универзитет (1958/60). На 13 февруари 1947 година бил избран за прв претседател на новооснованото Друштво на писателите на Македонија, а истата функција ја вршел уште во два мандата (1948, 1951/1952), бил и претседател на Сојузот на писателите на Југославија (1961/64) и прв претседател на МАНУ (1967/1975). Исто така, бил дописен член на сите поранешни југословенски академии на науките и уметностите, како и почесен доктор на Универзитетот во Чикаго (1968) и на Универзитетот во Вроцлав, Полска. Учествувал во составувањето на првиот Правопис на македонскиот литературен јазик (1945), бил редактор на тритомниот Речник на македонскиот јазик (1961/66), а автор е на голем број студии за средновековната и современата македонска писменост и приредил голем број едиции на стари македонски текстови. Во одделни периоди ги уредувал и списанијата „Нов ден“ и „Македонски јазик“.
За својот книжевен опус добил високи награди и признанија, и тоа: „Годишната награда“ на ДПМ (1953), наградата на Сојузот на писателите на Југославија (1956 – за стихозбирката ,,Везилка“), некогашното највисоко сојузно признание АВНОЈ (1966), Хердеровата награда за литература, како и наградите „11 Октомври“ (1961 – за редакцијата на првиот том на „Речникот на македонскиот јазик“; 1965 – за делото „Историја на македонскиот јазик“; 1974 – за стихозбирката „Записи“; 1979 – за животно дело; за поетската книга „Записи“ ги добил и наградите: „Браќа Миладиновци“ на СВП-1974, „Кочо Рацин“ (1974) и „Његошева награда“ (1975); исто така, бил лауреат на наградите „Кирил Пејчиновиќ“ (1976 – за преведувачки опус), наградата за книжевен опус на книгоиздателството „Мисла“ (1981), „Златен венец“ на СВП-1981, „Бранко Миљковиќ“ (Ниш), „Скендер Куленовиќ“ (Приедор, 1985), „13 Ноември“ (1986 – од областа на науката, за книгата „Македонскиот 19. век“), „Вуковата награда” на КЛЗ на Србија (1987), „Рациновото признание“ (1988 – за „Дневник по многу години“), како и на наградата „Книга на годината“ (1989 – за стихозбирката „Сеизмограф“).Издавачката куќа „Табернакул“ во Скопје, во 2003 година, ја издаде неговата „Собрана лирика“ во три томови. Застапен е во сите антологии на македонската поезија објавени во земјата и во странство, а посебни книги со избори од неговото поетско творештво се издадени на германски, англиски, француски, турски, руски, украински, романски, грчки, унгарски, полски, дански, италијански и на други јазици.
На македонски јазик Конески ги превел: „Горски венец“ од Његош (1947), „Лирски интермецо” од Хајне (1952), „Отело” од Шекспир (1953), „Поезија“ од Александар Блок (1966), „Крштавање на Савица“ од Прешерн (1980).Од 4 јуни 1997 година Филолошкиот факултет во Скопје го носи неговото име.Книжевен опус на Блаже Конески (1974), Огари и нови иесни (1979), Места и мигови (1981), Чешмите (1984), Послание (1987), Црква (1988), Златоврв (1989), Сеизмограф (1989), Небеска река (песни и препеви, 1991), Црн овен (1993); Раскази: Лозје (1955); Прозни записи:Дневник по многу години (1988). Едночинка: Гладна кокошка просо сонуе (1945); Лингвистички и научни трудови: Македонски учебници од 19. век (1949 – прв дел; 1959 – втор дел), Македонската литература во 19. век (1950 – прв дел; 1952 – втор дел), Граматика на македонскиот литературен јазик (1952 – прв дел; 1954 – втор дел); Историја на македонскиот јазик (1965), Јазикот на македонската народна поезија (1971), Македонскиот 19. век, јазични и книжевноисториски прилози (1986), Тиквешки зборник (1987), Прилепскиот говор, Историска фонологија на македонскиот јазик (2001 – постхумно во превод на македонски јазик); Есеи: За македонската литература (1961), Беседи и огледи (1952), Ликови и теми (1987), Македонски места и теми (1991), Светот на легендата и песната (1993); Редакција: Речник на македонскиот јазик (1961 – прв том; 1965 – втор том; 1966 – трет том).
Починал на 7 декември 1993 година.
Поврзано
Јонче Христовски е бележит репрезент на душата на Македонскиот народ. Горди сме што го има(в)ме
На денешен ден во 1865, прилепско е роден Македонскиот револуционер Ѓорче Петров
Македонска бесмртност: Тешкото- оро за тешкиот живот и надежта за подобра иднина на овој народ