Macedonian Times

Encourage the world

Јонче Христовски е бележит репрезент на душата на Македонскиот народ. Горди сме што го има(в)ме

Некои луѓе имаат само ден на раѓање. Јонче Христовски со својата културолошка специфичност и креативен дух ги задолжи генерациите на една искрена и света должност- да се биде тоа што си без разлика на се. А Јонче Христовски најмногу од се беше човек од кој извира надеж, извира љубов за родната грутка, за сопствените луѓе, за вредностите кои го карактеризираат овој Македонски народ а кои многу припадници на други народи не можат да ги сватат и разберат, затоа што не постои математички алгоритам со кој може да се опише тоа што Јонче Христовски го живееше и работеше.

Тој е Македонски текстописец, композитор и пејач кој што со своите дела се има вградено во Македонската култура до тој степен што многумина неговите песни ги доживуваат како народни песни создадени од народот.

Јонче Христовски беше современик на многумина доајени на Македонската народна и забавна музика, но неговиот специфичен физикус и народен весел дух заедно со неговиот раскошен народен вокал, му даваат посебен белег што го чинат уникатна појава во поствоена Македонија (по 2 Светска Војна).

Јонче Христовски својот подем во јавноста го доживува во 1964-та година со својата песна “Македонско девојче китка шарена”. И по теркот на овој негов успех сами по себе се наредија хитовите “Едно име имаме”, “Ако умрам ил загинам”, “Ој, Вардаре македонски”, “И ние сме деца на Македонија”, “Мој роден крај”, “Куќа имам на Пелистер”…

Роден 1931 година и пораснат во Битола меѓу двете светски војни Јонче Христовски е претставник на тие староградски манири и боемски дух кој што ќе го следи до залезот на неговиот овоземски живот. Неговиот длабок, со одредена нишка див народен вокал му овозможи да допре до срцата на сите Македонци насекаде низ светот, кои со посебни емоции и ден денес ги слушаат неговите песни. Оттука неговите гостувања помеѓу нашинците во дијаспората беа на свој начин доволно епски што за нив останала длабока трага на сведоците на неговите настапи и дружења. Јонче Христовски бил дел од Националниот насамбл за народни песни и ора “Танец” каде оставил посебен белег со својата работа. Помеѓу другите автор е и на кореографијата на спектакуларното “Калајџиско оро” кај која се гледа и се доживува неговата специфична креативност. Бил ангажиран како одговорно лице за народна музика во Телевизија Скопје каде по негова заслуга била создадена емисијата “Распеани градови”.

Јонче Христовски е татко на две ќерки. Неговата сопруга трагично загинала во скопскиот земјотрес во 1963 година на која Јонче има посветено повеќе песни од кои најбележита е “Животе мој”.

Јонче Христовски е репрезент на душата на Македонскиот народ. Како таков горди сме на неговото дело и заслуги за афирмација на Македонската култура во меѓународни рамки.

Песните на Јонче Христовски ден денес егзистираат и се преработуваат, препеваат (не многу успешно како оригиналот), но и крадат од странски музички изведувачи.

Слично како целокупната Македонска култура и идентитет.

Во продолжение пренесуваме видео снимено на улицата “Ројал” во Њу Орлеанс, САД на кое се гледа и слуша големината и монументалноста на делото на Јонче Христовски.

Документарен филм за животот и делото на Јонче Христовски:

>